Купот на Франција за ПСЖ
Фудбалерите на ПСЖ го освоија Купот на Франција, откако на стадионот Сен Дени го победија Олимпик Марсеј со 2:1. Предност на "светците" им донесе Бонавентур Калу по само четири минути игра, а на стартот од вториот дел, зголеми Дорасо. Конечниот резултат го постави Маулида во средината на второто полувреме, но до крајот, Олимпик не успеа да стигне до изедначување. Инаку, ова е седма титула за ПСЖ во Купот на Франција.
Челзи "падна" на Ивуд Парк
Блекбурн славеше со минимални 1:0 на натпреварот против Челзи во заостанатиот натпревар од англиската Премиер-лига. Роби Севиџ погоди директно од скратен корнер во 43. минута од мечот, обезбедувајќи му на тимот на Марк Хјуз учество во Купот на УЕФА за следната сезона. За одбележување е дека актуелниот шампион на оваа средба настапи без голманот Петр Чех и капитенот Џон Тери, додека Џо Кол и Даф влегоа во игра дури во второто полувреме.
Ван Бомел не оди во Баерн
Фудбалерот за врска на Барселона Марк ван Бонел ги негираше шпеклулациите дека во летниот преоден рок би можел да се пресели во Баерн Минхен. "Пред три до четири недели од управата на Баерн се распрашуваа, но веднаш од мене, а и од челниците на Барселона добија негативен одоговор. Јас не сакам да си заминам од Барселона, а и клубот не е расположен да ме пушти. Убаво ми е тука и сакам уште долго да го носам дресот на овој клуб", вели Холанѓанецот. Баварците се заинтересираа за услугите на ван Бомел како замена во тимот за капитенот Михаел Балак, кој повеќе од извесно е дека ова лето ќе му се приклучи на Челзи. Ван Бомел пред стартот на оваа сезона пристигна на Ноу Камп од ПСВ и има договор со каталонците до 2008. Иако не може да смета на сигурно место во првиот тим на Барса, тој инсистира да го одработи договорот со Барса.
Реал Мадрид се сврте кон Ериксон
Актуелниот тренер на Милан, Карло Анчелоти ги демантираше шпекулациите дека на лето ќе се пресели во екипата на Реал Мадрид, па управата на шпанскиот прволигаш, своето внимание го насочи кон селекторот на Англија, Свен Горан Ериксон."Нема шанси да станам тренер на Реал Мадрид. Тоа е моја конечна одлука", им изјави Анчелоти на новинарите во понеделникот.Раководството на Реал, веднаш штом ја слушна изјавата на Анчелоти, тргна во потрага по ново име и го најде во актуелниот селектор на англиската репрезентација, Ериксон, кој по завршувањето на Светското првенство во Германија, ова лето, заминува од оваа функција и ќе биде слободен за нови предизвици. Своевремено, менаџерот на шведскиот стручњак потврди дека би сакал да го тренира "кралскиот клуб", но засега нема службена потврда дека двете заинтересирани страни седнале на преговори.
Инзаги повикан во тренинг-кампот на "азурите"
Фудбалерот на Милан, Филипо Инзаги е повикан во тренинг-кампот на италијанската репрезентација пред претстојното Светско првенство во Германија. Изборот на играчите на Липи за дводневниот тренинг-камп, кој се одржува вчера и денеска, би требало да биде добар показател кои фудбалери ќе патуваат на Мундијалот. Повикот на тој камп за Инзаги претставува личен триумф, бидејќи оваа сезона тој се врати во форма, по двете првенства обележани со повреди на скочниот зглоб и колената."Селекторот Липи ме повика и ќе бидат во тренинг-кампот во Рим. Презадоволен сум бидејќи враќањето во националниот тим по двегодишно тсуство е нешто навистина прекрасно. Репрезентацијата е нешто посебно за секој фудбалер, ќе го давам својот максимум на тренинзите и ќе се обидам да се вклопам со играчите, иако поголемиот дел од нив добро ме познава", изјави Инзаги.Инаку, 32-годишниот навивач, кој зима 21 гол на 48 натпревари на репрезентацијата, не играл во националниот тим од октомври 2003 година, кога два пати се запиша во листата на стрелците во дуелот против Азербеџан, во квалификациите за Европското првенство. Липи, кој после тој шампионат го наследи Џовани Трапатони, досега ниеднаш не го повикал Инзаги.
МекКларен ќе биде именуван за селектор
Според најавите на англиските медиуми Стив МекКларен во текот на утрешниот ден би требало да биде именуван за иден селектор на "Гордиот Албион". Менаџерот на Мидлсброу падна во сенка минатата недела, откако се појави веста дека ФА започнала преговори со Луис Фелипе Сколари. Но, бразилскиот стратег ја одби понудата, по што сега сите информации се дека МекКларен ќе биде наследникот на Свен Горан Ериксон. "Јас само сакам ситуацијата да биде расчистена што е можно поскоро. ФА долго време ги разглеуваше опциите и време е да пресече. Јас во моментов сум фоскусиран само на настапите на Мидлсброу и подготовките за настап во финалето од Купот на УЕФА. Бев разочаран кога му ја понудија функцијата на Сколари и мислев дека се е готово. Но, сега повторно сум во комбинација. Се разбира дека ја посакувам селекторската функција, тоа е мој голем сон. Го чекам повикот од ФА", истакна МекКларен. Меѓу кандидатите за нов селектор се уште Сем Алардајс, Алан Карбишли и Мартин О'Нил, но информациите се дека промовирањето на МекКларен е повеќе од сигурна работа.
Карбишли го напушта Чарлтон
Алан Карбишли објави дека на крајот од сезоната ќе го напушти Чарлтон по 15 години минати во клубот. Карбишли е еден од кандидадите во потесениот избор на ФА за нов селектор, но тој демантираше дека интервјуто за оваа функција има некаква врска околу неговиот избор. "Преговорите околу селекторската функција не се поврзани со оваа одлука. Минав 15 прекрасни години во Чарлтон, но дојде време за разделба. Јас не сакав да го продолжам договорот кој истекуваше идното лето и се договорив со управата уште сега да си заминам. Потребен ми е одмор и едно време не сакам да имам врска со фудбалот", истакна Карбишли. 48-годишниот стратег во 1991 беше именуван за менаџер на Чарлтон заедно со Стив Грит, а од 1995 е сам на менаџерската фунцкија по повлекувањето на Грит.
Диаби го повреди зглобот
Лошиот викенд со повредите во Премиер-лигата го зафати и Арсенал, кој го загуби Абу Диаби поради скршеница на зглобот. 19-годишниот фудбалер од средниот ред повредата ја заработи на дуелот со Сандерленд, кој "топчиите" го добија со 3:0. Младиот Французин повредата ја заработи во судиското продолжение при еден старт на Ден Смит. Од Хајбери потврдија дека Диаби поради повредата ќе ги пропушти последните две кола од Премиер лигата против Манчестер Сити и Виган, како и финалето од Лигата на шампиони со Барселона. "Смит воопшто немаше намера да оди на топката. Тој одеше да го повреди фудбалер. Такво нешто е недозволиво. Тој старт беше апсолутно непотребен, но има луѓи кои на теренот очигледно не мислат на фудбалот", изјави лутиот Венгер. Добра веста за Арсенал е тоа што на мечот со Сандерленд по долгата пауза се врати Ешли Кол и настапи како резерва.
Лизаразу во пензија
Дефанзивецот на Баерн Минхен, Биксент Лизаразу, откри дека по завршувањето на оваа сезона ќе стави крај на својата богата фудбалска кариера. "Мојот последен натпревар во дресот на Баерн ќе го одирам на 13 мај. Веќе подолго време размислував на оваа тема, и сфатив дека ќе биде најдобро за сите ако заминам во пензија. Се уште имам страст кон фудбалот, и затоа ја прифатив работата како стручен консултант во телевизијата Канал Плус", изјави 36-годишниот Лизаразу. Францускиот ветеран беше дел од шампионските генерации на "триколорите" во 1998 и 2000 година, а со тимот на Баерн Минхен во 2001 година успеа да триумфира и во Лигата на шампионите. Во текот на своите настапи во дресот на баварскиот гигант Лизаразу стигна до пет титули во Бундес-лигата и пет титули во Купот на Германија.
Пизаро, куп-херој на Баерн
Баерн Минхен е на најдобар пат да стане првата екипа во историјата што две години по ред ќе ја освои двојната круна во Германија. Баварците во саботата успеаја да триумфираат во националниот куп на Германија, откако го совладаа Ајнтрахт со минимални 1:0.Интересно е што Ајнтрахт беше екипата што доминираше во најголемиот дел од мечот, но Баварците со многу среќа дојдоа до победата, благодарение на голот на Пизаро во 59. минута (по корнерот на Зе Роберто). "Факт е дека не игравме како што знаеме, а Ајнтрахт немаше што да загуби. Како и да е, се бројат титулите, а ние успеавме да дојдеме до уште еден трофеј", истакна Хасан Салихамиџиќ.
Реџина - Јуве на неутрален терен
Натпреварот од последното коло во Серија "А", меѓу екипите на Реџина и Јувентус, ќе се одигра на неутрален терен. Оваа одлука ја донесе Дисциплинската комисија при Серија "А", која го суспендираше теренот на Реџина поради низата инциденти на неделниот меч со Месина (еден домашен навивач истрча на теренот и го удри гостинскиот голман). Доколку Реџина не биде во можност да настапи пред своите гледачи, тоа ќе биде големо олеснување за тимот на Јувентус, кој на таа средба ќе треба да ја осигура шампионската титула. Од останатите казни, најлошо мина тимот на Рома, кој на домашен терен против Тревизо ќе мора да настапи без Мансини, Дакур, Перота и Мексес. За Месина идниот викенд против Емполи нема да можат да настапат Паризи, Зоро и Донати, додека ослабена ќе мора да биде и Реџина, која на дуелот со Фиорентина ќе биде без услугите на Тедеско и Коца.
Тоти на клупата против Интер
Денеска на Олимпико ќе се одигра првиот финален натпревар од Купот на Италија меѓу екипите на Рома и Интер. Беше најавено дека капитенот на Рома, Франческо Тоти, ќе се врати во првиот тим на Римјаните за оваа средба, но тренерот Лучијано Спалети ги негираше ваквите шпекулации. "Тоти е вклучен во составот, но тоа е направено само за да се подобри атмосферата во тимот. Најискрено се надевам дека тој ќе може да одигра триесетина минути од неделниот меч со Тревизо, Тоти сигурно нема да игра против Интер бидејќи не е подготвен за такво нешто", истакна кормиларот на "римската волчица". Интересно е што ова е реприза од ланското финале од Купот на Италија, кое Интер го доби со вкупен резултат од 3:0. Кормиларот на Интер, Роберто Манчини, важи за специјалист за освојување трофеи во ова натпреварување. Манчини има вкупно девет пехари од Купот на Италија (шест како играч, три како тренер).
Руни го скрши стапалото
Репрезентацијата на Англија доби голем удар во подготовките за Светското првенство. Вејн Руни на дербито со Челзи скрши коска во десното стапало и неговиот настап во Германија е во сериозна опасност. Напаѓачот повредата ја заработи во финишот од средбата по еден старт на Пауло Фереира. Прогнозите се дека Руни ќе паузира околу шест недели, што значи дека би можел да биде подготвен за настап на Мундијалот. Токму затоа ФИФА им дозволи на англичаните да го пролонгираат пријавувањето на Руни до 9 јуни, само 24 часа пред дуелот со Еквадор. Претходно ФИФА донесе одлука конечните списоци на репрезентативци да се достават до 15 мај, но "Гордиот Албион" доби посебна дозвола да го пролонгира рокот за Руни. Доколку до 10 јуни не го пријават напаѓачот нема да може да настапува на Мундијалот. Ериксон претходно објави дека сигурно ќе го вклучи Руни во патниците за Германија, што наиде на остра реакција од Сер Алекс Фергусон, кој порача дека нема да дозволи да се ризикува со напаѓачот и дека клубот ќе го има последниот збор околу тоа дали Руни може да настапи во Германија. Ова доведе до конфликт во односите меѓу федерацијата и Манчестер Јунајтед, но од ФА се децидни дека нема такво нешто и дека двете страни работата заеднички на случајот. "Нема никакви недоразбирања. Постојано комуницираме со клубот и селекторот Ериксон и Фергусон имаат одлична комуникација. Сите работиме заеднички да се најде решение кое е најдобро за Вејн, за клубот и за репрезентацијата", истакна портпаролот на ФА. Рехабилитацијата на Руни ќе ја водат клупските лекари на Манчестер, но заедно со нив се и лекарите на националниот тим, кои треба да одлучат дали тој ќе може да настапи на Мундјалот. Црниот викенд за англичаните го комплетираше и повредата на зглобот на Џон Тери на истиот меч поради која ќе ги пропушти последните две кола од сезоната, но се очекува да биде "фит" за Мундијалот.
|